Казбек (Грузиски: ყაზბეგი) е угаснат стратовулкан и со своите 5033 метри надморска висина еден од највисоките врвови на планинскиот масив Кавказ. По висина е трет врв во Грузија и седми врв на Кавказ. Името преведено од грузиски значи Ледена планина.Сместен е во планинскиот ланец Khokh кој се протега јужно од Голем Кавказ.

Подрачјето околу планината е сеизмички многу активно, а во подножјето има повеќе геотермални извори. Последната вулканска ерупција на Казбек била во 750 година пред нашата ера и на неговите падини има неколку ледници кои опфаќаат површина од 135 квадратни километри. Казбек се споменува и во грузиските легенди како место каде бил окован Амирани, пандан на грчкиот Прометеј.

Казбек го искачи 5 члена екипа од ПСК Димитар Илиевски Мурато во состав: Иван Трпков, Александар Ивановски, Боби Цветков, Миле Костадиновски и Пеце Караболов на 22 Јули 2016, по лоши временски услови: температура од - 15 степени, магла и силен ветер, заедно со украинска експедиција и двете екипи беа единствените кои успеаја да се искачат на врвот тој ден.
Искачувањето го започнавме од селото Степансминда (поранешно име: Казбеги), во северна Грузија, на 19.7.2016, во претпладневните часови.

Tsminda Sameba - црква на Св. Троица во близина на селото Гергети во Грузија. Од неа започнува искачувањето на врвот Казбек. Се наоѓа на висина од 2170 м, изградена е во 14 век и се смета за највисоката православна црква во која се одржуваат богослужби. Во позадина е врвот Казбек.
По едночасовниот дожд проследен со ветер и грмотевици, како "добредојде" од Казбек, започнавме да се искачуваме нагоре.

Од црквата Самеба тгрнавме нагоре кон преминот Арша кој се наоѓа на висина од 2940 м.

Глечерот го поминавме со дерези заради мразот и снегот и бројните пукнатини.

Дом Бетлеми (поранешна метеоролошка станица) на висина од 3670 метри. Планот беше да преноќиме ноќта на 19.7.2016, наредниот ден да се аклиматизираме (20.7.2016), а на 21 јули рано наутро да го искачиме врвот, но поради лошото време со дожд, град и грмотевици моравме да останеме во домот уште една ноќ и искачувањето го направивме на 22 јули.

Аклиматизационо искачување до малата црква Витлеем на висина од околу 4100 м (20 јули).

Утрото на 22 јули (околу полноќ) забележавме дека ветрот ги исчисти облаците и дека има можност за неколкучасовно добро време што може да го искористиме за да го искачиме врвот, па падна одлука да тргнеме заедно со украинска експедиција составена од 3 члена. Украинскиот водич на експедицијата – Орест Кинаш имал неколку успешни претходни искачувања на Казбек.Патеката ја поминувавме наврзани заради бројните пукнатини, стрмното искачување на последните етапи и слабата видливост.

На врвот - Казбек (5033 м), искачен во услови на магла, силен ветер и слаба видливост.Слегувањето беше уште потешко од искачувањето заради стрмината на теренот под врвот:

Фотографија со украинската експедиција при слегувањето од врвот. Тој ден на врвот се искачивме само ние и украинците, со заеднички напори и координација.

 

Елбрус

Елбрус (осетски: Эльбрус; руски: Эльбрус; карачаевско-балкарски: Минги тау) е заспан вулкан во западниот дел на планинскиот венец Кавказ во Кабардино-Балкарија и Карачаево-Черкесија, Русија, близу границата со Грузија. Врвот на Елбрус е највисок во Кавказ и во Русија, а според некои мислења и во Европа.[5] или највисока во западна Азија, за малку надминувајќи ги венците Демавенд и Алборз во Иран. Елбрус (западниот врв) е висок 5.642 м; а источниот е малку понизок, со височина од 5.621 м.
Врвот е искачен на 25 јули 2016 од страна на следните членови на ПСК Димитар Илиевски Мурато од Битола: Иван Трпков, Александар Ивановски, Боби Цветков, Пеце Караболов и Миле Костадиновски.
По успешното искачување на Казбек во Грузија се упативме преку Грузиско-Руската граница накај Терскол и Азау во Русија, со цел да го искачиме и Елбрус. Границата која е позната по долгите редици и саати и денови чекање за премин ја поминавме релативно многу брзо (за неколку часови) заради умешноста во преговорите со граничната полиција на еден Ерменец од комбето со кое ја поминувавме границата.
На 24 јули од местото Азау (над Терскол) со помош на кабинковиот лифт (на последната станица на кабинковиот лифт - Мир се префрливме на гондолата) се искачивме до Гарабаши, на висина од околу 3900 метри:

Во домот останавме само еден ден (24 јули) бидејќи ‘падна’ одлука да искачуваме веднаш во текот на ноќта, заради релативно доброто време и претходната аклиматизација на Казбек.

Од домот се упативме кон врвот по добро разгазена и обележана (со знаменца) патека, кон 1 часот по полноќ, на 25 јули:

На почетокот видливоста беше лоша и со доста силен ветер, беше многу ладно (сигурно околу -15 или -20 степени целзиусови), но како што се разденуваше видливоста се подобруваше. Скоро сите членови на групата имаа помали проблеми како што се одредени симптоми на висинската болест, помали смрзнатини на прстите и лицето, но за среќа без посериозни последици.
Седлото меѓу двата врва:

Поглед од врвот Елбрус

Текст скики: Иван трпков