Јас, лично јас пропуштив неколку шанси да ја посетам Јабланица со нејзинот Црн Камен 2258 мнв. Е, овај пат не можи тоа да се случи! Повторно, ние, планинарите од ПСК „Димитар Илиевски Муратот“ заминавме на традиционалното искачување организирано од страна на ПСК „Закамен“ Струга, на едно ново планинарско дружење. Самото искачување започна од село Горна Белица.

Впечатоци? Еееее, би рекла не знаеме што крие оваа убава природа во нашата земја.


Ете, Г. Белица ти е село од Швајцарски тип. Еднаш друг пат, имам нешто слично споменато за с.Гари, Дебарско што ми дава до знаење дека Македонија изобилува со традиција, природни ресурси и плодна основа за здрав планински туризам. Но, да не должам многу, заминавме . Повторно, зелени падини, благи патеки, сончевина и весели лица. „Здраво“ со оние што не си се видел одамна, „Мило ми е“ со оние со кои се запознаваш за прв пат, малку муабет со себе, зошто на планина одлично се самоспознаваме, и ете си на врвот.

 

Одмор, топол чај, некој сендвич. Групата полека се собира и фотографирање кое некогаш ќе не подсети на желбата за авантура. После внимателното слегување пред нас се гледаат три езера, на едно посебно се упативме, Вевчанска локва. Прекрасна глетка, ладна вода и врева наоколу, секако и неколку храбри капачи внатре, во езерото.

 

Лесно селгување крунисано со планинско гравче, досетки, кафе и повторно кон дома. Тажно е кога се враќаш дома после богат ден со луѓе и места. До следното качување довидување!
Текст: Наташа Бошковска
Слики: Стефан Петровски, Горан Петровски - Линк слики